Придружете ни се на меѓународниот проект за читање
Нашата мала библиотека веќе шеснаесет години успешно го поттикнува читањето и запознавањето со другите култури кај децата на возраст од 4 до 10 години. Проектот вклучува повеќе од 34.000 деца од словенечките училишта и градинки и околу 9.000 деца во Хрватска. А во учебната 2024/25 година оваа заедница многу ќе се прошири: Нашата мала библиотека ќе ги воодушеви учениците дури во седум земји, меѓу кои и нашата!
Дванаесет исклучителни книги ќе бидат објавени на седум јазици на две нивоа на тежина. Идејата на проектот „Нашата мала библиотека“ е да им ја доближи сликовницата на децата и да ја развие љубовта за читањето. Проектот ќе се реализира низ целата учебна година, со различни активности за децата и наставниците што ќе се вклучат, и со динамика што ќе биде договорена со вклучените наставници.
Проектот е сеопфатен, во него се применуваат различни методи и активности за да се зголеми љубовта кон книгите, со цел да се едуцира генерација на доживотни читатели.
Што нуди проектот?
• Книга за креативност кои на учесниците им обезбедуваат интересни задачи поврзани со 6 книги.
• Возбудливи дополнителни активности дизајнирани да го мотивираат читањето на различни начини прилагодени за децата.
• Наградни посети од автори и илустратори.
• Во текот на целата година даваме насоки низ поединечните фази на проектот, чекор по чекор.
• Секој ментор може да избере како ќе учествува со своето одделение и да одлучи во кои дополнителни активности би сакал да учествува.
На почетокот на проектот, учесниците добиваат книги за креативност со различни задачи поврзани со темите што се обработувани во избраните книги. Задачите се многу забавни, ја подобруваат креативноста и имагинацијата на детето, барајќи од негова страна детално набљудување и разгледување. Помалите деца, меѓу другите нешта, решаваат квизови, се движат низ лавиринти, готват и се справуваат со разни други задачи. На крајот од секој дел, децата можат да најдат задача со која можат да се натпреваруваат и како награда да добијат книга.
Постарите деца учат песни, пополнуваат букви што недостигаат, пишуваат вести и имагинативни рецепти, решаваат крстозбори и повеќе предизвикувачки загатки. Сите тие се занимаваат со цртање, физички вежби или активности за движење, учат за знамињата на различни земји, забележуваат разлики, тренираат меморија и се забавуваат со игри инспирирани од поединечни книги. Сите овие активности дополнително ги мотивираат младите читатели и во исто време ги поттикнуваат активно да се занимаваат со читање, а со тоа да ја зајакнуваат својата способност за самостојно изразување.
Сликовници што се вклучени во учебната година 2024/25:
1. „Пе прашува: За раѓањето“ – Силвија Шесто, илустрација Ванда Чижмек (Хрватска) (8+)
Оваа прекрасна сликовница поттикнува разговор за раѓањето и породувањето, притоа обезбедувајќи бројни можности да се разговара за семејството, љубопитноста од детството, родителскиот срам, истражувањето на светот и зошто понекогаш на одредени прашања не добиваме лесно одговори.
2. „Одврзи заврзи“ од Еви Герокоста, илустрирана од Костас Маркопулос (Грција)(6+)
Оваа симболична приказна зборува за неизвесност, вознемиреност и навидум непремостливи тешкотии, за емоции и растење. Ги учи децата да ги препознаваат и именуваат емоциите, а сликовницата е вредна бидејќи со неа се пренесува тоа дека проблемите можат да исчезнат кога ќе го пренасочиме погледот, односно кога ќе ја промениме нашата перспектива.
3. „Каде го најде?“ од Урмас Реина, илустратор Ула Саар (Естонија) (5+)
Оваа исклучително уникатна приказна ги поттикнува децата да размислуваат за изгубените и пронајдените предмети, но пред сè, отвора бројни можности за дискусии за несебична помош, љубезност и грижа за другите, дури и ако се непознати.
4. „Господинот Кнедла и едрилицата“ , од Ана Оничимовска, илустрација Наталија Јаблонска (Полска) (5-8)
Оваа прекрасна книга поттикнува разговори за грижата за животната средина, недопрената природа и важноста секој да си го чисти она што го извалкал. Милите главни ликови поттикнуваат размислувања за вистинските вредности, добрината и љубовта, пренесувајќи им на децата на еден разбирлив начин дека понекогаш е подобро нештото да го немате отколку да го имате.
Во текот на целата учебна година, стимулативните активности и бројните наградни задачи дополнително ќе го поттикнат читањето и креативноста.
Во „Книжевна размена на ликови“ ги покануваме учесниците да создадат кукла според некој литературен карактер. Заедно со тетратка за цртежи и белешки, како и збирка бајки по избор, ликот ќе ги посетува децата дома. Групите кои сакаат да учествуваат можат да ја разменат куклата со група од друго училиште.
Децата ќе добијат „Писмо за изненадување“, напишано од еден од авторите, специјално за децата вклучени во проектот. Одделенијата што ќе го организираат најдобриот агол за читање, ќе бидат наградени со награди во вид на книги.