АЛЕКСАНДАР ШУРБАТОВИЌ
УПОКОЈУВАЊЕТО НА ПРОСЕКТОРОТ МАЕРХОФЕР
Упокојувањето на просекторот Маерхофер е роман со необично долги и извонредно стилизирани реченици, којшто го следи сосема краткиот период, неколкуте последни моменти од животот на Кристијан Маерхофер Помладиот, просектор во локалната болница во Хајделберг, во Германија. Тој, во последен момент трага по сеќавањата и по чувствата, а таа потрага се претвора во метафизички трилер или постмодерен пикарски роман. На тоа патување, тој ќе го открие своето вистинско лице и потекло, и во таа вистина нема да има ништо утешно, освен вистината сама по себе.
Авторот на романот инспирацијата ја барал во поетската филозофија и во јазикот на Фридрих Хелдерлин, во „карактеризацијата“ на ликовите на Роберт Музил, во атмосферата на романите на Томас Ман и Франц Кафка, во стилизацијата на Хенри Џејмс и во поетичкиот јазол којшто постои во прозата на Данило Киш. Тој верува во високиот стил на книжевното раскажување, во идејата на книжевната форма и во апсолутната универзалност на својата приказна, којашто нема да биде стеснета од никакви временски и географски ограничувања.
за авторот
Александар Шурбатовиќ е роден во 1973 г. во Косовска Митровица. Основно и средно училиште посетувал
во Крагуевац, а на Филолошкиот факултет во Белград студирал Општа книжевност со теорија на книжевноста и Археологија на Филозофскиот факултет. Осум години живеел во Амстердам. Во моментов работи како главен и одговорен уредник во издавачката куќа Дерета од Белград. Се занимава и со преведување на проза и поезија од англиски јазик. Досега ги има издадено збирките поезија „Митологија на изгорената земја“ (Филип Вишњиќ, 2010) и „Приказната за госпоѓа Кон“ (Контраст, 2015), како и романот „Упокојувањето на господинот Маерхофер“ (Вулкан, 2011).