ИСКЕНДЕР ПАЛА
ЛАЛЕТО НА ИСТАНБУЛ
Сместена на крајот на Ерата на лалињата пресвртна точка во отоманската историја, кога меѓународните граници биле променети, а општествените поделби се влошувале преку испадите на расипништво кај аристократијата и зголемувањето на сиромаштијата меѓу масите, туркајќи го Истанбул кон немири и бунт, ова е динамична приказна за двајца млади луѓе коишто, во нивната потрага по љубов, се обидуваат да ја решат мистеријата на едно брутално убиство и да го вратат непроценливото лале. Приказната е ткаена со историски и културни детали, запознавајќи го читателот со животот во кралските палати и куќичките на дервишите, со хортикултурните тајни, со иновативните третмани за лекување на лудило, со справите за мачење и со заговорите испилени во кафеаните и амамите од страна на нелојални револуционери и бандити. Искендер Пала создава маѓепсувачка таписерија на сјајот и пороците на Истанбул, во време кога светот сѐ уште бил под власта на неговите воени, политички и уметнички достигнувања.
За авторот
Искендер Пала е роден во Ушак во 1958 година и го завршува факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет во 1979 година. На истиот универзитет докторира на одделот за османлиска диван литература (1983) каде станува доцент (1993) и професор (1998). Со цел да ѝ ја приближи диван литературата на пошироката народна маса, пишува кратки приказни, есеи, академски студии и написи во весниците, кои биле инспирирани од класичната поезија. Семинарите и конференциите за диван литература што тој ги
приредува се мошне посетени.
Искендер Пала ги добива: наградата на Здружението на турските писатели за јазикот (1989), наградата AKDTYK на Фондацијата за турски јазик (1990) и наградата за есеј на Друштвото на турските писатели (1996). Неговиот роман „Смрт во Вавилон, љубов во Истанбул“ е продаден во тираж од стотина илјади примероци и е многупати награден. Негови други дела се: Лалето на Истанбул, Шахот и султанот, Пламен, Михмандар, Легенда, Помеѓу две битки, Книга за љубовта, Лејла и Меџнун, Четириесеттата порта…
Оженет е и татко на три деца и сè уште е дел од наставниот кадар на Универзитетот во Ушак.