Анте Томиќ вешто прикажува типично рурално опкружување, но иако се чини дека се потсмева со неговите херои занимавајќи се со нивните судбини, тој ги опишува со многу љубов и сочувство како голем познавач на тој менталитет, знаејќи дека под грубоста, тврдоглавоста и примитивизмот, во суштина се кријат добри луѓе.
Според романот „Што е маж без мустаќи“ режисерот Хрвоје Хрибар сними наградуван филм со исто име во 2005 година.
– Смешни и надреални ситуации, честопати на границата на ендемичен рурален монтипајтонизам, изобилуваат во романот „Што е маж без мустаќи“.
– Шармантна и неодоливо духовита приказна, да речеме, со „чешки“ книжевен сензибилитет, но со страсти достојни за балканското поднебје и гласна динарска театралност, комбинирана со безброј интриги во медитеранската атмосфера…
Теофил Панчиќ за „Што е маж без мустаќи“
За авторот
Анте Томиќ (1970) е познат хрватски писател. Толку познат, и толку многу пати споменуван во весниците и на телевизија, што сериозно размислува да си испечати визит-картички на кои ќе го напише токму тоа под неговото име – познат хрватски писател. Работи како новинар за „Јутарњи Лист“, а неговите саботни колумни се омилено четиво за сите оние кои сакаат да се насмеат дури и кога ситуацијата во земјата е лоша. Како писател досега има напишано четири романи: „Што е маж без мустаќи“, „Ништо не треба да нè изненади“, „Љубов, електрична енергија, вода и телефон“ и „Чудо во Поскокова Драга“. Има објавено и збирка раскази „Заборавив каде паркирав“, две книги со фељтони „Фолклорен фестивал“ и „Класа оптимист“ и две книги со колумни – „Покорниот граѓанин“ и „Момче кое ветува“. Заедно со Ивица Иванишевиќ го напишал сценариото за филмот „Последната волја“, а заедно со Рајко Грлиќ сценариото за „Нека остане меѓу нас“. Во соработка со Ренато Баретиќ и Ивица Иванишевиќ, го има напишано и сценариото за ТВ серијата „Ново доба“. Во 2005 година, Хрвоје Хрибар го сними филмот „Што е маж без мустаќи“ врз основа на неговиот прв роман, а една година подоцна Рајко Грлиќ го сними филмот „Караула“ базиран на неговата книга „Ништо не треба да нè изненади“.