Штотуку пристигната од Лондон, Фелиса Вилмер станува центар на внимание во женско религиозно училиште на северот на Буенос Аирес. И тоа поради нејзиниот бунтовнички дух и лошо однесување, „поетската“ аура што ѝ ја даваат нејзините уметнички интереси, совршениот англиски јазик и мистичниот и независен карактер. Барем така ја гледа Лопез, нараторката и протагонистка, со која набргу ќе се спријатели. Двете девојки живеат среде мрачните легенди што се раскажуваат за историјата на училиштето и неколку поконкретни „опасности“ што се наоѓаат во нивната околина. Лопез малку по малку ќе ја открие приказната на Фелиса и причините за нејзиното ексцентрично и самоубиствено однесување, како да е „опседната“ од луѓето околу неа.