Кратките приказни во книгата мачка човек куче тематски се поврзани со поимите од насловите. Но тоа не е книга за милениците, за кучето и мачката како за нижи суштества, а за човекот кому кучето и мачката, како на виш и господар, му служат во досадата, чудаштвото, самотијата, емоционалната осуетеност итн. Како што сугерира самиот начин на кој е напишан насловот, во овие приказни тоа се три рамноправни ентитети, нивните животи (и смртта, за смртта особено!) се врзуваат еден за друг и зависат еден од друг како кај автономните суштества, неподредените. Тие прават заеднички свет во кој се случуваат работи во исто време чудни и уверливи, а сето благодарение на одличната умешност во создавањето куси приказни. Којзнае, кога сè ќе слегне и ќе се просее низ рецептивно сито и решето, нема ли да се покаже дека во самиот темел на книжевноста на Јерговиќ секогаш и била токму уметноста за куси приказни? – Иван Ловреновиќ
За авторот
Миљенко Јерговиќ е еден од најзначајните писатели во регионот на поранешна Југославија. Тој е роден во 1966 година во Сараево, а денес живее во Загреб. Автор е на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија. Добитник е на голем број национални и меѓународни книжевни награди, како наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“ (1995), Италијанската Premio Grinzane Cavour (2003), Ангелската книжевна награда за најдобар роман во Средна Европа (Полска, 2012) наградата „Његош“ (2015), Прозарт (2017). Тој е најчитаниот автор во регионот.