Опис
Заеби ја сега илјадарката е антивоен роман чиј заплет се базира на комедија на збунетост. На 29 август 1993 година, две групи војници, една хрватска и една бошњачка, се наоѓаат на нишан една со друга, без притоа да знаат кого држат на нишан. Имено, и двете групи ќе дојдат до многу „оригинална“ идеја да облечат непријателски униформи за потребите на тајната задача. Така, целосно ќе го обесмислат најважното прашање во секоја војна: „Кои се „наши“, а кои се „нивни“?
„Борис Дежуловиќ се обидува да одговори на најважното прашање на сите наши војни: кој кому е непријател и што се случува со непријателот кога ќе ја смени униформата? Во времето кога е напишан, романот зборувал за сè уште неодамнешното минато и за воените рани кои се половично свежи. Денес, минатото е далечно, но раните се посвежи. Патриотите ги кубат крастите. Прашањето кој кому е непријател, е поактуелно од што било…“ Миљенко Јерговиќ
За авторот
Борис Дежуловиќ е роден на 20 ноември 1964 година во Сплит.
Својата новинарска кариера ја започнал во 1977 година како сопственик и уредник на „Ѓулабија“, неделник на 7-а на основното училиште „Бруно Ивановиќ“ во Сплит и на „Гласило разредне ќелије“, на списанието „И27“ на сплитската гимназија „Анте Јониќ“, потоа бил истражувачки новинар на „Граѓевинар“, весник на средното градежно училиште „Ќиро Гамулин“ каде што ја доживеал својата прва средба со цензурата и забрана на текстот за корупцијата во училишната администрација. После кратките излети во фудбалот, веслањето, рагбито, рокенролот, алтернативниот театар, стриповите, дрогата и ситниот криминал, во средината на 1980-тите, тој станува графички уредник во
сплитската „Омладинска искра“ и уредник на сатиричната статија „Ле Шпизд“. Од 1990 година работи како новинар во „Недељна Далмација“, а потоа и како воен известувач и коментатор во „Слободна Далмација“.
Од 1988 година, заедно со Виктор Иванчиќ и Предраг Лучиќ, го уредува сатиричниот подвесник „Ферал трибјун“ во „Недељна“, односно „Слободна Далмација“, кој, откако ХДЗ го презеде сплитскиот весник во 1993 година, го издвоија и основаа како независен сатирично-политички неделник. Кон крајот на 1999 година го напушта „Ферал“ и станува колумнист на „Глобус“ и соработник на други изданија на Europе Press Holding, од каде заминува по откажувањето на соработката во „Слободна Далмација“ во 2015 година. Денес работи за „Новости“, неделник на
Српскиот национален совет. Долги години е редовен колумнист на љубљански „Дневник“ и на порталот „N1“ и редовен или повремен соработник на бројни хрватски, српски и босански медиуми. Во 2004 година, од страна на Хрватското новинарско здружение е прогласен за новинар на годината, а во 2014 година, во Лондон, ја доби наградата на European Press Award за најдобар новинарски коментар.
Коавтор е на бројни прозни збирки и монографии, автор е и на сценариото на документарниот филм за реконструкцијата на Стариот мост во Мостар на Јасмила Жбаниќ „Дневник на градителот“ (2007). Со поетско-сатиричното кабаре „Мелодии на блесокот и бурата“, заедно со Предраг Лучиќ, настапува десет години, од 2007 до 2017 година, во градовите и селата на поранешна Југославија, и сегашна Шведска, Норвешка, Германија, Белгија и Луксембург. Заедно со Лучиќ, ја уредува „Антологијата на современата хрватска глупост“ во библиотеката Ферал Трибјун во 1999 година, а објавува и други романи, „Кристкинд“ (Durieux, 2003) – за кој ја добива наградата на „Јутарњи лист“ за најдобро прозно дело на годината – и „Заеби ја сега илјадарката“ (EPH, 2005), збирката песни „Песни од Лора“ (Durieux, 2005) и збирката раскази „Бактеријата на поглавникот“ (ВБЗ, 2007), изборот на колумни „Договор со ѓаволот“ (ВБЗ, 2008), „Црвено и црно“ (ВБЗ, 2010), „Злосторство и казна“ (ВБЗ, 2010), „Војна и мир“ (ВБЗ, 2012) и „Во потрага по изгубеното време“ (Табахон, Скопје, 2013), книгата со интервјуа „Разговори со Смој“ (Адамиќ, 2015) , потоа збирката есеи „Диего Армандо и седумте џуџиња“ (VBZ, 2011) и „Summa Atheologiae: Неколку еретички дебати за неможноста на семоќниот“ (Ex Libris, 2019).
Неговите книги, раскази, песни и есеи се преведени на германски, италијански, француски, англиски, грчки, полски, украински, словенечки и македонски јазик. Живее и работи во едно мало рибарско село помеѓу Трст и Дубровник,
каде нелегално пече ракија, лови риба и повремено запишува работи.
Коментари
Нема критики сеуште.